ЕУ очекува резултати од борбата против корупцијата

05.07.2018 14:40

Европската унија го чека новиот модел за Антикорупциска. Никола Бертолини од делегацијата на ЕУ во земјава смета дека решението мора да подразбира избор на членови без политичка припадност. Од невладиниот сектор велат дека Македонија го нема првиот предуслов за елиминирање на корупцијата- силната конкуренција. Од ресорот правда велат дека Антикорупциска ќе биде во согласност со очекувањата и стандардите.

Европската унија очекува силен одговор на државата во борбата против корупцијата. Се очекува да бидат испорачани опипливи резултати во корист на граѓаните. Претставникот на делегацијата на ЕУ, Бертолини, рече дека со нетрпение го очекуваат новиот модел на антикорупциска комисија.

Најчеста е корупцијата при јавните набавки, велат од невладиниот сектор. Посочуваат дека земјава го нема првиот предуслов за нејзино елиминирање- силната конкуренција. Велат оти е проблематично што само 7 проценти од компаниите се пријавуваат на тендери.

Од ресорното министерство уверуваат дека Антикорупциската комисија ќе биде согласно сите очекувања и стандарди на институција која треба да го понесе товарот во борбата против оваа појава.

Анализите покажале дека во земјава граѓаните имаат мал отпор кон корупцијата, им се бара мито, и тие даваат. На 36 отсто од граѓаните им било побарано мито, а 31 отсто дале, тврди Александар Кржаловски од невладината МЦМС.

 

Фиљана Кока