Македонија- атрактивна дестинација за турските бизнисмени
Турските компании во Македонија досега инвестирале речиси 2 милијарди долари. Земјава е атрактивна дестинација за бизнисмените од оваа земја, поради пониските трошоци за производство. Се очекува соработката меѓу двете страни дополнително да се интензивира...

Македонија е вистинска дестинација за сите инвеститори, особено за турските, затоа што нуди атрактивен економски амбиент, квалификувана работна рака и поддршка за креирањето нови работни места, изјави министерот Аднан Ќахил во обраќањето пред Македонско - турската стопанска комора и делегацијата на економски новинари од оваа земја.
„Производството на ист производ во Македонија е поевтино за најмалку 30 насто во однос на тоа доколку се произведува во Турција. Затоа е атрактивно инвестирањето во Македонија за турските компании, а тука е и финансиската поддршка на државата за креирање нови вработувања и за инвестициите во високо технолошки процеси“, изјави Аднан Ќахил, министер за странски инвестиции.
Даночните олеснувања и можностите што ги нудат особено слободните економски зони се атрактивни за потенцијалните инвеститори, а очекуваната покана за влез во НАТО наредната недела, според министерот за економија Бектеши нуди дополнителна сигурност на вложувањата.
„Република Македонија после неколку години станува стабилна, сериозна земја, каде што сите инвеститори можат да дојдат и да инвестираат, имајќи ги предвид не само поддршката што ја даваме како држава, туку истовремено и стабилноста што ние како Влада и како држава во целина ја даваме“, вели Крешник Бектеши-министер за економија.
Турските компании во земјава очекуваат да расте нивото на стоковата размена меѓу двете земји и од сегашните 400 милиони долари набрзо да го достигне посакуваното ниво од милијарда долари.
„Со основањето на Македонско- турската стопанска комора драстично се зголемија инвестициите во Р. Македонија кои што во моментов изнесуваат околу 1,8 милијарди долари. Стоковата размена меѓу Р. Македонија и Р. Турција се движи околу 400 милиони долари“, изјави Ајдован Адемоски, претседател на Македонско-турската стопанска комора.
Делегацијата на економски новинари од Турција има за цел, преку своите медиуми, да ги анимира потенцијалните идни инвеститори, пред сѐ преку искуството на најголемите турски нвеститори во земјава: ТАВ, Халк банка, Сити плаза холдинг, Суташ, Лимак, Џеваир холдинг.
Свето Николовски