Грција: Се бројат жртви, се трага по исчезнати
Грчките власти уапсија едно лице осомничено за подметнување на катастрофалните пожари во атинскиот регион. Продолжува потрагата по исчезнати, се зголемува бројот на жртви. Метеоролозите прогнозираат поплави на границата со Турција.

Продолжува потрагата по преживеани во Грција каде што загинаа седумдесетина луѓе во серијата шумски пожари во атинскиот регион. Околу 200 се повредени, стотици се евакуирани, а има и исчезнати. Спасувачките операции се отежнати од ветрот чијашто брзина достигнува и 100 километри на час, проширувајќи ги пламените јазици кои уништија големи површини од населените места. Многумина побараа спас во морето, но дел од нив, бегајќи од чадот и огнот, настрадаа давејќи се во водата.
„Бев два и пол часа во вода. Имаше и деца, повозрасни луѓе кои се плашеа. Јас сум во добра физичка состојба, па им помагав да издржат. За среќа, сите излеговме. Многумина испливаа подалеку зашто веруваа дека се безбедни, но струјата беше силна и ги однесе лесно бидејќи беа изморени. Исчезнаа 80 луѓе“.
„Се затворивме во куќата. Ги затворивме ролетните. Лицата си ги покривме со пешкири. Пеколот траеше еден час. Не можам да опишам низ што минавме.“
„Паничевме зашто целата улица беше блокирана од автомобилите. Вресоци, хистерија, гледавме како огнот се доближува. Небото беше црно“.
„Кога сфативме дека нема излез, го оставивме возилото на патот. Си го зедов тригодишното дете, и почнав да трчам кон морето. Завршивме на пат зад онаа куќа, се симнавме до плажата и скокнавме во морето“, велат жители од регионот зафатен со пожари.
Премиерот Ципрас прогласи тридневна жалост. Многу држави понудија и испратија помош.
„Подготвени сме да им дадеме помош на грчките власти доколку им е потребна. Им изразувам сочувство на сите луѓе кои загубија некого во пожарот, и на народот на Грција“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Иако пожарите се честа појава во топлите и сушни периоди во Атика, властите не ја исклучуваат можноста дека огнот бил подметнат од криминални групи, кои ограбуваат напуштени домови. По објавување на видеоснимка на социјалните мрежи, полицијата уапси маж осомничен за подметнување на пожарот.
Во меѓувреме, метеосервисот „Акјуведер“ предупреди дека во западна Европа пристигнува нов топлотен бран. Бугарија, пак, со предупредување за поплава поради најавените поројни дождови коишто веројатно ќе предизвикаат излевање на реката Еврос на границата меѓу Грција и Турција.
Маја Филдишев
