Регион

Хуманитарна помош на настраданите во пожарите во Грција

25.07.2018 17:10

Илјадници луѓе им помагаат на погодените од огнената стихија во областа Атина. Црвениот крст на земјата постави камп во градската сала во Рафина за итно обезбедување на најнеопходните намирници...

Грција се мобилизира. Илјадници луѓе им помагаат на погодените од огнената стихија во областа Атина. Црвениот крст на земјата постави камп во градската сала во Рафина за итно обезбедување на најнеопходните намирници. Лекарите и психолозите им пружаат помош на луѓето кои ги загубија своите домови.   

„Сите тука се волонтери, социјални работници, психолози, лекари и медицински сестри. Ние, исто така, се обидуваме да го координираме истражувачкиот дел, се обидуваме да ги лоцираме и да стапиме во контакт со луѓето што недостасуваат“, изјави Деспина Перимени, Генерален секретар на Црвениот крст.

Креиран синџир на солидарност од стотици граѓани, волонтери и општински работници. Ја организираат помошта што пристигнува од сите страни. Најнеопходни се вода, храна и лекови.

„Бевме на одмор и се вративме на овој хаос. Сите ние треба да им помогнеме на оние што се погодени од огнот“, вели жителка на Атина.

Портпаролот на Владата, Димитрис Ѕанакопулос изјави дека на состанокот со кој претседавал премиерот Алексис Ципрас била скенирана ситуацијата. Објави серија итни мерки за помош на настраданите.

„Ќе обезбедиме 20 милиони евра на посебна сметка за Министерството за внатрешни работи, за да ги задоволиме итните потреби на општините што се погодени од пожарите“, изјави владиниот портпарол Димитрис Ѕанакопулос.

Помош пристигнува од сите делови на Грција, но и од меѓународната заедница.

 

Марина Стојанова- Тонева