Класифицираните информации го одложија експозето на Димитров
Претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика, Антонио Милошоски, побара пратениците кои имаат безбедносни сертификати да ги добијат записниците од лидерските средби одржани во јануари и мај годинава, а на кои се разговарало за договорот со Грција.

Експозето за сработеното на шефот на дипломатијата не дојде на ред поради партиски препукувања. Претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика, Антонио Милошоски, побара пратениците кои имаат безбедносни сертификати да ги добијат записниците од лидерските средби одржани во јануари и мај годинава, а на кои се разговарало за договорот со Грција. Тврди дека спикерот Џафери им забранил на собраниските служби да ги поделат материјалите, затоа што, како што рече, владејачкото мнозинство нешто крие.
Пратениците на СДСМ најавија кривична пријава за Милошоски оти сметаат дека на Седницата изнел државна тајна.
Министерот Димитров не зборуваше пред пратениците, во изјава за медиумите истакна оти е подготвен за дебата, но ќе внимава да не му наштети на Договорот. Во преговорите има позиции, рече Димитров, и се користат и тактики.
Комисијата утре продолжува со работа, а до тогаш се очекува пратениците да ги добијат класифицираните материјали, а министерот Димитров да даде отчет за сработеното.
Анита Димитријевска
