Регионот бара Приштина веднаш да ги укине царините

25.07.2018 17:30

Македонија и понатаму е најпогодена со овие бариери, изјави министерот за земјоделие Љупчо Николовски по состанокот во Белград.

Министрите за земјоделије, трговија и економија на Македонија, Србија, БиХ и преставникот од Црна Гора на состанок во Белград ја поздравија одлуката на Приштина за делумно повлекување на трговските бариери, со барање, веднаш без одложување, повлекување на царините и за останатите производи. Министрите донесоа одлука за формирање на Оперативно тело со цел спречување и решавање на идните трговски бариери во регионот.

Македонија и понатаму е најпогодена со овие бариери, изјави министерот за земјоделие Љупчо Николовски по состанокот во Белград.

„Ние очекуваме итно повлекување на оваа одлука, во спротивно Македонија ќе ги превземе сите чекори и мерки кои се во функција на заштита на македонското земјоделство, домашното производство и на граѓаните. Ја поздравуваме средбата во Белград, која е во функција на остранување на сите трговски бариери во регионот и на дополнителното воведување на нови механизми како што е Оперативното тело, кое ќе работи на дневна основа“, изјави министерот Николовски.

Еден од заклучоците од состанокот предвудува секоја земја да може да воведе соодветни контрамерки, доколку Косово во најскоро време не ги укине и останатите трговски бариери. Според српскиот министер за трговија Расим Љаиќ договрено е формирање на Оперативно тело кое ќе работи се до стапување на сила на протоколот 7 од ЦЕФТА договорот.

„Ова тело ќе работи на брзо и ефикасно решавање на евентуалните проблеми и спречување на нови царински бариери. Ова незначи дека се анулира ЦЕФТА договорот, ниту пак е нејзина замена, туку е привремена мерка до целосната примена на протоколот 7 од ЦЕФТА договорот, кој се однесува на механизмите за решавање на ваките проблеми“, рече министерот Љаиќ.

Љаиќ додаде дека според првичните информации, Косово сѐ уште ги нема тргнато царините за доматите, пиперките, малините, јаболката, капините, крушките... со што Македонија и понатаму трпи најголеми штети во регионот.

На состанокот постигната е согласност за понатамошна реформа на ЦЕФТА, со цел олеснување на трговијата на Западен Балкан, за што се очекува директна поддршка од Европската комисија.

Министрите испратија порака дека се против започнување на царинска војна во регионот, бидејќи сите земји со тоа губат.

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ