Бомбашки напад во Пакистан

25.07.2018 17:59

Напаѓачот најпрвин сакал да ја детонира експлозијата внатре во избирачкото место, но откако полицијата го забележала, го сторил тоа пред зградата. Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.

Крвав почеток на парламентарните избори во Пакистан. Црниот биланс од самоубиствениот бомбашки напад на гласачко место на југозападот од земјата е десетици загинати и повредени.

Напаѓачот најпрвин сакал да ја детонира експлозијата внатре во избирачкото место, но откако полицијата го забележала, го сторил тоа пред зградата. Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.

Досега примивме дваесетина ранети, меѓу нив и 8-годишно девојче и 6-годишно момче - соопшти Мухамед Џафар, доктор во локалната болница.

Пред самоубиствениот напад, во вооружен судир меѓу симпатизери на две спротивставени политички партии загина едно лице, а неколкумина беа ранети. Парламентарните избори во Пакистан се дел од демократската транзиција на граѓанската влада.

Фаворити се две партии - Движење за правдата, на Имран Кан, поранешната крикет ѕвезда и Пакистанската муслиманска лига на Шахбас Шариф, братот на поранешниот премиер Назаф.

„Го повикувам народот да го даде гласот на овие избори и да ја смени судбината на пакистан. Да ја направи земјата просперитетна и прогресивна“ - изјави Шариф.

И, неговиот противкандидат Имран со слична изјава. „Ги замолувам пакистанците да излезат на гласање. Не за мене туку за подобра иднина на нашите деца, за претстојните генерации, за иднината на Пакистан“ – рече Имран.

Последните анкети предвидуваат победа на конзервативната партија на Кан, но според некои аналитичари најверојатно ќе му биде потребна поддршка од независни пратеници за да формира Влада.

Сепак, заедничкиот заклучок и на аналитичарите и на граѓаните е дека Пакистан се наоѓа на крстопат и оти овие избори се пресудни за судбината на земјата. 

Маја Стојанова