САД и ЕУ со договор за надминување на трговскиот спор
По серија закани кон Брисел, американскиот претседател Доналд Трамп донесе неочекувана одлука за трговијата со блокот. Со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, се согласи да работи на укинување на царинските давачки и намалување на трговските бариери. Ќе се преиспитува и тарифирањето на алуминиумот и челикот...
Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и претседателот на САД Доналд Трамп постигнаа договор за крај на трговскиот конфликт меѓу Вашингтон и Брисел. Додека течат преговорите кои ќе ги води работна група, нема да се воведуваат нови царини. ЕУ веднаш ќе го зголеми увозот на соја од САД, а Вашингтон ќе го преиспита прашањето за американските царини за европскиот алуминиум и челик.
„Сакаме да го зајакнеме трговското партнерство со ЕУ за доброто на сите американски и европски граѓани. Пред сè, ќе работиме во насока на укинување на тарифи, нецаринските трговски бариери, и субвенции за индустриски производи, со исклучок на автомобилската индустрија“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
„По поканата од Белата куќа, имав една намера - да постигнатм договор. И тоа се случи. Откривме многу области за кои ќе треба да соработуваме. Решивме да ја зголемиме соработката во енергетиката“, нагласи претседателот на Европската комисија, Жан- Клод Јункер.
Владите од европскиот блок го поздравија потегот на Трамп и Јункер. На Твитер, претставничката за трговија на ЕУ Сесилија Малмстром напиша: „Нова фаза во трансатлантското партнерство“, а германскиот министер за економија Петер Алтмајер го прогласи резултатот од средбата за „голем прогрес“.
Инаку, Трамп воведе тарифи од 25% за производи од челик и 10% за алуминиум од ЕУ, Канада и Мексико поради убеденост дека е загрозена националната безбедност и дека сојузниците на САД спроведуваат неправедни практики кон Вашингтон.
Релацијата меѓу Вашингтон и Брисел беше влошена и поради пријателскиот однос на Трамп кон рускиот претседател Путин, како и нападите врз НАТО и Унијата.
Маја С. Филдишев
