Пожарите во Грција најверојатно се подметнати

27.07.2018 17:33

Грчките власти тврдат- постојат податоци дека пожарот во атинскиот регион бил подметнат. Спасувачките екипи и локалното население го расчистуваат теренот. Дел од жителите се обидуваат да го спасат она што останало. Другите ќе градат одново од темел. По пожарите, нова закана за северна Aтина. Поројните дождови и поплавите предизвикаа блокади во сообраќајот…

Грчките власти тврдат- постојат податоци дека пожарот би подметнат. Како главни причини за катастрофата се наведени и лошите временски услови кои ги отежнаа спасувачките операции во источниот дел на областа Атика. Министерот за одбрана Панос Каменос смета дека незаконските градби придонесле за катастрофата на атинското крајбрежје.

„Во однос на истрагата на полицијата и противпожарниот оддел, нагласувам дека постојат фотографии и индикации за криминална активност поврзана со пожарите“, изјави Никос Тоскас, министер за цивилна заштита на Грција.

На конференцијата беа презентирани и резултатите од истрагата направена со помош на сателити од вселенските служби за жариштата од каде што почнаа пожарите, прво во западниот, а потоа во источниот дел на Атика каде што загинаа 83 лица. Бројот на исчезнати се проценува на неколку десетици. 60 се хоспитализирани, а 11 се на интензивна нега.

„Успеавме да ги земеме личните карти и побегнавме со автомобилот. Се заглавивме, за среќа, не отидовме кон морето зашто ќе загиневме.“

„Овде имаше куќа од дрво изградена во 1972 година. Татко ми сакаше да живее во природа, имаше инспирација од патувањата во САД. Ја користевме за одмор, но сега е уништена до темел.“

„Ќе треба многу да работиме на реставрација на куќата за да ја изградиме исто како што беше претходно. Насекаде има пепел и чад. И кога го отворам прозорецот, однадвор влегува непријатен мирис.“

По смртоносниот пожар, северните предградија на Атина ги погоди силно невреме и поројни дождови кои предизвикаа поплави.

 

Маја С. Филдишев