Пречки во преговорите за нула царини меѓу ЕУ и САД

30.07.2018 12:13

ЕУ одбива да нема царини за земјоделските производи од САД. Трамп се закани дека САД ќе воведе дополнителни 25 проценти царини за увоз на европски автомобили доколку Унијата продолжи да ги зголемува царините за американските земјоделски производи...

Преговорите за нула царини меѓу Европската унија и САД наидоа на пречка уште на првиот ден. ЕУ одбива да нема царини за земјоделските производи од САД. Трамп по средбата со претседателот на Европската комисија, Јункер се закани дека САД ќе воведе дополнителни 25 проценти царини за увоз на европски автомобили доколку Унијата продолжи да ги зголемува царините за американските земјоделски производи.

„Не сакам да предвидувам дали ќе има царини. Преговорите со ЕУ се одвиваат многу брзо. Патем, ова ја става Кина во многу тешка ситуација“, изјави Лари Кадлоу, главен економски советник на Трамп.

Според главниот економски советник на американскиот претседател Трамп, преговорите почнале со укинување на царините за увоз на соја, говедско месо и течен природен гас од Америка.

Ако биде постигнат договор, ЕУ се ќе обврзе на поголем увоз на соја и природен гас од САД, што според Вашингтон не е доволно. Трамп и Јункер постигнаа договор за отворање на европскиот и американскиот пазар за финансиски услуги и размена на работна сила.

 

Ирина Гелевска