Регион

Уапсен е осомничен за предизвикување на пожарите во Грција

30.07.2018 13:13

Уапсен главниот осомничен за пожарите. Грчкиот премиер Алексис Ципрас во посета на опожарените области. Владата и опозицијата си ја префрлаат вината за една од најголемите трагедии во Грција во последната деценија. По пожарите, северна Атина се справува и со поплави.

65-годишен маж е уапсен во рамките на истрагата за причините за шумските пожари во атинскиот регион во кои загинаа над 90 луѓе, а над дваесет се водат за исчезнати. Според сведочењата на очевидци, уапсениот палел трева и суви гранки на рид од каде што почнал огнот во источна Атика. Откако ја увидел опасноста, се обидел со земја, вода и кал да ги скрие трагите, но не успеал поради силниот ветер и високата температура да го спречи ширењето на огнот.

Деветмина потврдија дека ова не е прв случај осомничениот да предизвика пожар. Грчкиот премиер Алексис Ципрас во посета на погодените области. Од владата велат дека недостигот од урбанистички план и карактеристиките на пожарот се главните причини за катастрофалните размери на огнот. Опозицијата, пак, ја обвинува владата за неодоговорен однос и одговор во вонредната состојба. Граѓаните бараат објаснување од надлежните.

„Ако ги занемариме проблематичните тврдења дека во Мати се градело незаконски, оставаме простор и во иднина да се повтори истата ситуација“, изјави Панос Скурлетис, министер за внатрешни работи.

„Јас се евакуирав во сиропиталиште во Маратонас. Не може да кажат дека не можеле да ја евакуираат мојата област. Очиглено е дека можеле. Но требаше да кажат дека огнот ќе ја промени насоката, а не дека оди само напред“, изјави Ијанис Бурнос, градначалник на Рафина.

По смртоносните пожари, атинскиот регион го погодија поројни дождови. Блокирани се повеќе сообраќајни правци. Пожарникарите имале над 190 повици од граѓани кои биле заробени во водата.

 

Маја С. Филдишев