Друштвени мрежи

23 од 26 министри активно користат „Фесјбук“

30.07.2018 14:56

23 од 26- мина министри во Владата активно користат „Фејсбук“, покажа втората годишна анализа направена во периодот од 23-ти до 28-ми јули годинава. Во споредба со лани, ова е зголемување за тројца министри кои се активни на оваа социјална мрежа. На „Твитер“ се присутни 14 членови на Владата, додека идентичен број е активен на Инстаграм.

23 од вкупно 26 министри активно користат „Фејсбук“, покажува спроведено истражување. Дел од нив се активни и на „Твитер“ и на „Инстаграм“. Користењето социјални мрежи од избраните функционери за претставување и информирање на јавноста се зголемува, а позитивен тренд е и проактивниот пристап што овозможува двонасочна комуникација со граѓаните.

„Не гледам причина зошто оваа бројка би била 100 од 100. Кога ќе биде оној ден кога сите владини функционери ќе ги имаат своите канали и страни на социјалните медиуми, бидејќи тоа е еден од каналите на кој тие ќе можат директно, непосредно и двонасочно да дојдат во контакт со јавноста, да го опипаат пулсот и да добијат идеи“, вели Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, кој е и автор на истражувањето.

Премиерот Заев и 10 министри се активни и имаат свои профили на сите социјални мрежи, додека вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за информации, комуникации и отчетност, Роберт Поповски воопшто не се активни на на новите медиуми, вели Кордалов.

Тој препорачува динамиката на објави да биде секојдневна, за како што вели, Владата дополнително ќе ја покаже својата заложба за отчетност и транспарентност, а секој заинтересиран граѓанин да може да биде запознаен со активностите, но и да поставува прашања за она што го интересира.

„Избраните функционери не треба да се грижат за негативните коментари, тие се дел од комуникацијата“, објаснува Кордалов.

 

Марина Стојанова- Тонева