Политика

Заев со апел до опозицијата да ги повика граѓаните да излезат на референдум

30.07.2018 15:51

Премиерот Заев со апел до опозицијата да ги повика граѓаните да излезат на референдум. Вели, пред нас е историска одлука. Според последните информации, референдумот ќе биде консултативен и ќе се одржи на 30-ти септември. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, остана на ставот дека договорот со Грција е штетен и претставува капитулација. Во Собранието попладнево се одржува седница...

Премиерот Заев со порака до опозицијата, побара да ја поддржи иницијативата и да ги повика граѓаните да излезат на референдумот. Рече дека станува збор за историска одлука со која се дефинира иднината на државата.

Потврди дека 30- ти септември е датумот определен за оддржување на референдумот, кој ќе има консултативен карактер, на прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“.

„Опозицијата да се вклучи, да повика на гласање, граѓаните да излезат масовно и да го кажат својот глас. Знете дека е ова историска одлука и преку неа се дефинира иднината на нашата земја Република Македонија. Сите чинители во општеството се должни да создадат услови за граѓаните доволно да бидат мотивирани да излезат и да гласаат и да дадат поддршка, со што ќе се заокружи 27- годишната аспирација на држвата кон НАТО и ЕУ. Јас сум убеден дека сме на вистинскиот пат и дека ќе успееме“, изјави премиерот Зоран Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат, нема консензус за прашањето. Според нив, тоа е повеќесмислено и манипулативно, па оттука сметаат дека парламентарното мнозинство треба да се откаже од него.

„Има брутално газење на воспоставената демократска практика било кое референдумско прашање и неговото формулирање да биде донесено по пат на заеднички конзензус со релевантите политички субјекти. ВМРО-ДПМНЕ во тој процес не ја прифати улогата да биде алиби на власта и единствено за декор, туку со аргументи дебатиравме дека прашањето мора да биде еднозначно. Напуштањето на оваа пракса значи продолжување на самоволието на власта, непочитување на волјата на граѓаните и уште еден силен удар на демократијата од оваа недемократска влада. Втората повреда е и законска“, рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

Според ВМРО-ДПМНЕ, договорот со Грција е штетен и претставува капитулација на земјава.

Анита Димитријевска