Собрание

Консултативен референдум на 30-ти септември

30.07.2018 18:29

Референдумот распишан со 68 гласа „за“. Собранието донесе одлука- ќе биде консултативен и ќе се одржи на 30-ти септември. Граѓаните ќе треба да одговорат со „за“ или „против“ на прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Македонија и Грција?“. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата пред гласњето...

Со 68 гласа „за“, без ниеден против и воздржан пратениците ја донесоа одлуката за распишување на референдум кој ќе биде од консултативен карактер. Граѓаните ќе треба да одговорат со „за“ или „против“ на прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Македонија и Грција?“. Од говорницата координаторот на СДСМ, Томислав Тунтев со став- никој немаше да потпише договор, тоа да не беше услов за влез во ЕУ и НАТО.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ непосредно пред гласањето ја напуштија седницата. Од говорницата порачаа- Заев не стои на зборот бидејќи вети оти референдумот ќе биде обврзувачки, а не консултативен.

Крилото на БЕСА кое партиципира во Владата и ДУИ повикаа на одговорност. Сметаат дека членството во НАТО и ЕУ е клучот за стабилноста на земјата. За Алијансата на Села референдумот е непотребен, бидејќи за Договорот со Грција зелено светло дале пратениците.

За референдумот кој ќе се одржи на 30-ти септември на ДИК ќе и бидат префрлени 3,5 милиони евра од министерства и институции.

Миле Ристески