Дипломатска офанзива пред референдумот
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг пристигнува во Македонија. За шест месеци, ова е негова втора посета на земјава. Ќе присуствува на показна вежба на Армијата и ќе има средба со премиерот Заев. Неделава во Скопје, и канцеларите на Австрија и Германија, Курц и Меркел...

Зајакната дипломатска активност на македонската Влада во следниве три дена. Високи политички личности ќе допатуваат во земјава, пред сѐ за да ја искажат поддршката за предстојниот референдум.
Според најавите, за два часа на Меѓународниот аеродром Скопје, треба да слета генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Првиот човек на Алијансата, но и Европската унија претходно, јасно порачаа дека затворањето на прашањето за името со Грција, е услов за влез во евроатлантските институции. На јулскиот самит, Македонија доби условна покана за пристапни разговори за членство во НАТО.
Несомнено исти ставови се очекуваат и од останатите високи гости кои доаѓаат во посета на Македонија. Во петок пристигнува австрискиот канцелар Себастијан Курц, а во сабота, на Денот на независноста и германската канцеларка Ангела Меркел. Прифаќање на Договорот со Грција преку промена на името на земјата и спроведување на реформите се клучни, Европската унија идната година да почне преговори со Македонија.
Според агендата, генералниот секретар на НАТО, Столтенберг во 18.45 на скопскиот аеродром ќе биде пречекан од министерката за одбрана, Радмила Шекеринска. Утре ќе разговара со премиерот Зоран Заев по што ќе ги слушнеме и официјално ставовите на првиот човек на НАТО.
Во касарната „Илинден“, со министерката за одбрана ќе присуствуваат на показна вежба на армиските специјалци. Столтенберг ќе го посети и Стајковци, кадешто пред две години по катастрофалната поплава, во санирањето на штетите учествуваа и војници на НАТО.
Миле Ристески
