Обвинителство

Три лица осомничени за тројното убиство на семејство во Дебар

05.09.2018 15:48

Основното јавно обвинителство Гостивар донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица под сомнение дека биле инволвирани во убиство на тричлено семејство во Дебар.

Основното јавно обвинителство од Гостивар нареди спроведување истражна постапка за тројното убиство. Со неа се опфатени тројца, меѓу кои е и 28-годишната ќерка на убиените од семејството Поцеста во Дебар. Таа е првоосомничена за кривичното дело „убиство“.

„За другите двајца осомничени, 31-годишен маж од Гостивар и 62-годишен жител на Дебар, постои сомнение дека ѝ помагале во извршувањето со што сториле кривично дело – убиство од чл.123 ст.3 во врска со чл.24 од кривичниот законик“, соопштува Обвинителството.

Сите тројца заработија триесет дневен притвор. Обвинителството информира дека истражната постапка продолжува до целосно расветлување на настанот и обезбедување материјални докази.

Грозоморното убиство на тројцата членови на семејството Поцеста беше извршено во нивниот дом додека спиеле. Во јавноста првично се шпекулираше дека е извршено од роднина поради нерасчистени имотно- правни односи. Истрагата покажа дека нивната постара ќерка од Италија, Блерта Поцеста била во Дебар и потоа заминала, за повторно да се врати кога ја повикале роднините заради смртта на нејзините родители и помалата сестра.

 

Фиљана Кока