Потпишана спогодба за повисоки плати во здравството
Покачувањето од пет проценти, во зависност од позицијата се движи од 1.500 до 4.548 денари. Ќе почне да се применува со исплата на септемвриската плата. Ресорниот министер и Самостојниот синдикат за здравство потпишаа спогодба за утврдување на најниската плата.

Повисоки плати за сите здравствени работници. Покачувањето од пет проценти, во зависност од позицијата се движи од 1.500 до 4.548 денари. Ќе почне да се применува со исплата на септемвриската плата. Ресорниот министер и Самостојниот синдикат за здравство потпишаа спогодба за утврдување на најниската плата.
„Со потпишувањето на денешната спогодба со отвора формалниот пат за зголемување на платите за сите вработени во здравството за пет проценти, односно зголемување на основицата за пресметување на плата на вработените во ЈЗУ од 12.654 на 13.286 денари“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
„Платата и понатаму останува најзначајна тема, па на преговарачката маса со Министерството за здравство, нашиот социјален партнер, веќе се ставени корекциите на коефициентите на сестрите со средно образование и корекција на коефициентите на лекарите специјалисти“, изјави Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
Средномедицинскиот персонал ќе добива дополнителни 1.500 денари, лекарите специјалисти на интерните клиники ќе имаат зголемување од 3.756 денари, лекарите специјалисти во општите болници по 4.060 денари, а на докторите специјалисти на клиниките за хируршки болести платата ќе им биде повисока за 4.548 денари. Целта на оваа Влада, рече премиерот Заев, е да создаде здравствен систем по највисоки стандарди, но и подобри услови за здравствените работници.
„Мора да се обезбедат услови лекарите да бидат задоволни, само така ќе го дадат најдоброто од себе и целосно ќе се посветат на грижата за пациентите. За нас од Владата ова е само почеток и се надеваме дека со перформансите на буџетот голема реалокација на средствата ќе дојдат за подобрување на условите за работа на медицинскиот персонал, лекарите и сите кои работат во здравството“, нагласи премиерот Зоран Заев.
Во првата фаза беа зголемени дневниците за дежурства и ноќен труд на лекарите во клиниките и во болниците.
Андријана Атанасовска
