Нема индиции дека повторно ќе биде отворена Балканската рута
Нема индиции дека повторно ќе биде отворена Балканската мигрантска рута. Ова беше речено на меѓународната конференција за мигранти и бегалци, при што беше посочено дека 2015-тата покажала дека земјите од Западен Балкан немаат доволно капацитети и обучен кадар за да се справат со ваков вид кризи...

Сценарио за повторување на мигрантската криза од 2015-тата година на таканаречената Балканска рута не постои. Зголемен број на бегалци во моментот има во Босна и херцеговина, но тие доаѓаат од Србија, Албанија и Црна Гора, а голем дел од нив го користат воспоставениот безвизен режим помеѓу Србија и Иран. Поради тоа се неоправдани стравувањата дека на македонска територија или во регионот ќе се градат нови бегалски кампови, велат од Меѓународната организација на бегалци при ОН.
„Тука постои едно недоразбирање, дека мигрантските центри или кампови доведуваат до привлекување на мигранти. Ако ја видиме состојбата во Србија, таму постојат капацитети за 8.000 мигранти, а моментално има 3 500. Главниот фактор кој што привлекува и е мотив за мигрантите е да стигнат во ЕУ“, изјави Петер Ван дер Оверарт, координатор на ИОМ.
„Генерално бројот на мигранти е намален и сега главен предизвик е да се направи разлика на кои лица им е потребна меѓународна заштита и згрижување. Особено кога тоа се однесува на бремени жени, ранливи категории или лица со посебни потреби“, изјави Аргентина Сабадош, регионален директор на ИОМ.
Мигрантската криза покажа дека во државите од западен балкан недостига инфраструктура и обучен кадар за справување со вакви кризи.
„Ние не знаеме што може да се случи, бидеќи има и обратна опасност. Враќање, минување, ние не знаеме кога би стигнал таков бран. Од нашите стручни сознанија да кажеме дека оние бегалци кои што се во Турција и во Грција, ако се надмине лимитот на чување тие се пуштаат“, изјави Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет- Скопје.
„Проблемот со бегалците не можат да го решаваат само полицијата и безбедносните служби. Пристапот треба да биде мултидисциплинарен, потребни се социолози, педагози, психолози и други обучени лица, оспособени да работат со различни карактери на луѓе“, вели Неџат Карајлиќ, декан на Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии- Сараево.
На меѓуранодната конференција учество зедоа над сто експерти за мигранти, бегалци и безбедност од триесет земји.
Сашо Нелоски
