Германија

Подем на ултрадесничарите по случувањата во Кемниц

06.09.2018 13:13

Според премиерот на Саксонија, Кречмер, демонстранциите во Кемниц биле орагнизирани поради убиство, а не поради ксенофобија. Ова не е прв инцидент во Германија во кој се вмешани бегалците и мигрантите. Во 2015-та година, Меркел донесе одлука за отворање на границите, а придобивките ги искористија над милион луѓе од Блискиот Исток и Африка.

Премиерот на германската покраина Саксонија Михаел Кречмер тврди дека биле преувеличени извештаите за насилствата во антимигрантските протести во Кемниц. Сопартиецот на канцеларката Ангела Меркел предупреди да не се осудуваат сите демонстранти и целиот град зашто голем дел од луѓето протестирале поради инцидентот, а не поради ксенофобични убедувања и мигрантите во Германија. Нередите почнаа по  убиството на 35-годишен Германец, поради што беа уапсени двајца мажи од Сирија и од Ирак. Полицијата трага по трет осомничен.

„Едно е јасно. Во Кемниц немаше банда, немаше лов и немаше прогонство. И натаму тврдам дека десничарскиот екстремизам е најголемата закана за општеството. Го осудувам начинот на кој беа опишани случувањата од медиумите надвор од Саксонија. Неверојатно е како тие што се далеку толку сурово го осудија овој град“, вели Кечмер.

Во меѓувреме, германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер, предупреди дека миграцијата е коренот на сите проблеми во општеството. Неговата партија Христијанско-социјалната унија се подготвува за избори на 14 октомври во Баварија. Со последната изјава ризикува да го загуби мнозинството поддржувачи.

Во исто време, поради ширењето на антимигрантската идеологија, крајната десница „Алтернатива за Германија“ ја зацврстува својата позиција во Бундестагот и може да постигне уште поголем напредок во источните делови на земјата, вклучувајќи ја Саксонија каде што идната година ќе се бира нов парламент.

 

Маја Филдишев