Дуото кларинети „Ѓоревски-Бакревски“ со настап во Софија
27.02.2014 15:01
Во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија утревечер концерт ќе одржи Дуото кларинети „Ѓоревски-Бакревски“.

Оваа ретка музичка формација на македонските подиуми е составена од нашите двајца познати кларинетисти Ристо Ѓоревски и Игор Бакревски и е плод на нивната долгогодишна соработка, и во нивната матична куќа, Македонската опера и балет, и преку соработката во други камерни формации и ансамбли. Музичкиот репертоар за два кларинети е вистинска реткост, а Ѓоревски и Бакревски токму во тоа пронаоѓаат провокација за музичко истражување, соопшти КИЦ на РМ во Софија.
Македонските кларинетисти на концертот во Софија ќе изведат дела од Крусел, Пуланж, Лефевр, Росини и Имери.
