Во октомври ќе се знае новата цена на чинење на автопатот Кичево- Охрид
Владата усвои предлог- закон за нов анекс на договорот за изградбата на автопатот Кичево- Охрид во должина од 57 километри со кинески „Синохидро“. Со тоа се овозможува ослободување на 205 милиони евра од претходно обезбедените финансии за проектот, со што ќе се интензивираат градежните активности на терен и ќе се овозможи исплата на домашните компании подизведувачи. Најавен е и трет анекс на договорот...

На делницата Кичево- Охрид треба дополнително да се градат девет клучки, нови локлани патишта, мостови, утврдила деталната анализа на домашни и странски експерти ангажирани да ги лоцираат недостатоците на проектот. Со два анекси на договорот за автопатот, Владата бара од народните избраници да дадат зелено светло за ослободување на 205 милиони евра од кинескиот кредит со кои ќе се продолжи изградбата и ќе се исплатат домашните фирми ангажирани од изведувачот „Синохидро“. Дополнителни 152 милиони евра побарал кинески „Синохидро“ за изградба на тунелот. Во тек се преговорите. Колку дополнително ќе чини автопатот, ќе биде дефинирано околу 10- ти окотмври, најави Владата.
„Од она што го имавме како евиденција, цените кои што се плаќани од страна на нашите претпријатија кон „Синохидро“, а понатаму за истите тие работи кај што работеле подизведувачите што „Синохидро“ ги платил кон македонските подизведувачи, во просек има разлика во цената од 56 проценти. Тоа е така направено во основниот договор, а ние тоа не можеме да го продолжиме“, вели Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.
Надлежните тврдат- застој предизвикале погрешната проектна документација, нерешени имотно- правни односи, немало ниту геомеханички испитувања. Не биле планирани ниту клучки до околните населени места. Најголем проблем бил тунелот кој се градел на земјиште од прва категорија и за кои стручната јавност утврдила дека бара челични потпори и други материјали.
205- те милиони евра од кинескиот кредит што Владата бара да бидат ослободени досега биле наменски распределени, со новите анекси ќе може да се користат по сите ставки.
„Завршуваме работа за два момента, едниот дел е да продолжи изградбата на сегментите каде е застаната, а вториот е да може да се вршат плаќањата на кинеската компанија кон другите компании кои работат“, вели министерот за транспорт Горан Сугарески.
Автопатот Кичево- Охрид почна да се гради пред четири години со првична финансиска конструкција од 400 милиони евра. Градежните активности треба да завршат до 2021-вата. Од Владата најавија, ќе биде запазен рокот за реализација на делницата Миладиновци- Штип до крајот на месецов, најавија минимално пролонгирање може да има за поставување на сигнализацијата.
Сузана Фиданска- Стоевска
