Брисел

Продолжува дијалогот Белград- Приштина

07.09.2018 13:17

Претседателот на Србија, Вучиќ реши да не разговара со претставниците на Косово на денешната средба, а директорот на канцеларијата на Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ по разговорот меѓу Вучиќ и Могерини рече дека е неизвесно продолжувањето на преговорите со Приштина.

Во Брисел продолжи дијалогот меѓу Белград и Приштина. Претседателот на Србија, Вучиќ реши да не разговара со претставниците на Косово на денешната средба, а директорот на канцеларијата на Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ по разговорот меѓу Вучиќ и Могерини рече дека е неизвесно продолжувањето на преговорите со Приштина.

Косовскиот претседател Тачи по средбата со Могерини на Фејсбук објави дека Косово е посветено на постигнување конечен договор со Србија, кој ќе гарантира меѓусебно признавање, зачленување во НАТО, ЕУ и Органзиацијата на обединтетите нации. Тој истакна дека патот ќе биде тежок, но ќе мора да се изоди за да се обезбеди долгорочен мир во Западен Балкан.

Портпаролката на Европската комисија, Коцијанчиќ, изјави дека српскиот и косовскиот претседател продолжуваат да работат на сеопфатната нормализација на односите и постигнување правно обврзувачки договор.

Шефицата на дипломатијата на ЕУ, Могерини претходно изјави и дека „постои реална шанса Вучиќ и Тачи да постигнат договор со кој ќе се решат сите отворени прашања меѓу Белград и Приштина“.

Комесарот за проширување Јоханес Хан оценува- за постигнување договор ќе бидат потребни неколку месеци.

Во меѓувреме, српскиот министер за надворешни, Дачиќ, оцени дека безбедносната ситуација, кога станува збор за евентуалната посета на српскиот претседател на Косово, „не е идеална“. Тој истакна дека Вучиќ не се плаши да оди во Косово и да зборува со српскиот народ. Дачиќ смета и дека косовските закани се „празни“ и ѝ порача на Приштина „да не си играат со оган“.

Претходно претседателот на косовското Собрание, Весели изјави дека може да се случи на претседателот на Србија да му биде забранет влез на Косово.

 

Марина Ристова