Бразил: Нападнат претседателски кандидат
Жаир Болсонаро, кандидатот на крајната десница на бразилските претседателски избори идниот месец, е ранет со нож за време на предизборен митинг. „Бразилскиот Трамп“ води во сите предизборни анкети. Напаѓачот е уапсен...
Жаир Болсонаро, претседателскиот кандидат од крајната десница во Бразил, е ранет со нож за време на предизборен митинг. Медициснкиот тим соопшти дека процесот на закрепнување ќе трае со месеци. Митинзите и социјалните мрежи се единствените средства на Болсонаро каде што може да ја промовира својата програма бидејќи според законот на Бразил, нема речиси никакво претставување на телевизиите и радијата. Полицијата го приведе осомничениот за нападот за којшто е констатирано дека имал психички проблеми.
„Се обидував да се фотографирам со Болсонаро. Човек во црно, со весник, чанта и нож скокна кон Болсонаро. Полицаецот го фати, Болсонаро падна, па полцијата доведе возило во кое беше префрлен в болница“, изјави Едуардо Хејсон, очевидец.
„Им порачувам на оние кои сакаа да уништат семеен човек- Бразил, штотуку го избра својот нов претседател. Тој ќе биде во првата рунда“, рече Флавио Болсонаро, син на Жаир Болсонаро.
Претседателот Темер, а и останатите ривали во трката за челната позиција во државата го осуди нападот.
„Народот треба да гласа за проекти така што кандидатот мора да патува низ земјата. Ова ви го кажувам за да не помине оваа тажна, несреќна епизода во нашата демократија. Треба да биде пример за сите кои водат кампања“, изјави Мишел Темер, претседател на Бразил.
Симпатизерите на Болсонаро запалија свеќи во знак на поддршка.
„Бразил е третата најголема демократија во светот. Има одредени демократски димензии, претседателски кандидат којшто води во анкетите и којшто настрада во лош и срамен напад.“
Една од главните пораки на Болсонаро е искоренувањето на насилниот криминал. Сега кога и самиот стана жртва на ваков напад, се прогнозира дека поддршката за неговата програмадополнително ќе се зголемува. Контроверзниот политичар многупати беше критикуван поради расистички коментари, барањето за поблаги закони за контролата на оружјето и поддршката за забрана за абортусот. 63-годишниот Болсонаро, којшто ја претставува Социјал-либералната партија, го нарекуваат и „Бразилски Трамп“.Во политиката влезе во 80-тите години за да ги брани правата на војската. Во тој период, земјата се врати во демократскиот систем, а во 1989 година беа одржани првите претседателски избори.
Идните ќе бидат најнепредвидливи. Истрагите за корупција ги наполнија затворските ќелии со еминентни политичари и бизнисмени. Меѓу нив е и поранешниот претседател, левичарот Луис Лула да Силва, којшто ја обжали забраната да се кандидира поради обвиненија за корупција.
Маја Филдишев
