„Еуромакс“: „Иловица- Штука“ ќе користи метод на флотација, безбеден за животната средина
Студијата за влијанието врз животната средина е изработена од локални и од глобални експерти, гарантира безбедност и докажува дека нема да има негативни влијанија врз здравјето на луѓето и животната средина, тврди менаџментот на компанијата.

Идниот рудник за бакар и злато, „Иловица- Штука“ наместо цијанидни соединенија и сулфурна киселина ќе користи технологија на флотација, која е целосно безбедна за животната средина, најавија менаџерите на компанијата „Еуромакс рисорсис“. Студијата за влијанието врз животната средина е изработена од локални и од глобални експерти, гарантира безбедност и докажува дека нема да има негативни влијанија врз здравјето на луѓето и животната средина, тврди менаџментот на компанијата.
„Инвестицијата од 340 милиони евра ќе биде најголема во Македонија од независноста. Проектот ќе го зголеми БДП-то за 3%, ќе се вработат 500 лица и ќе донесе 25 милиони евра даноци годишно во период од 20 години, како и дополнителни 3 милиони евра во буџетите на локалните власти“, изајви Варшан Гокул, главен извршен директор на „Еуромакс рисорсис“.
Годишното производство ќе достигнува 16 илјади тони бакар и 1,5 тони злато. Бакарниот концентрат ќе се преработува во Соседна Бугарија, а во рудникот ќе бидат вработени 500 луѓе. И покрај промена на технолошкиот процес, концентратот што ќе се добива во Иловица ќе содржи 24 проценти бакар, што е исплатливо за компанијата, вели оперативниот директор, Патрик Форвард.
„При изработката на студиите беа почитувани македонските и меѓународните законски барања, вклучувајќи ги сите директиви за заштита на животната средина на Европската унија“, нагласи Форвард.
Од невладината „Здрава котлина“ велат дека воопшто не биле контактирани при промена на технологијата. Тоа повлекува промена во основната студија од 2016-та, која потоа треба да мине на јавна расправа. Од „Здрава котлина“ потсетуваат дека има повеќе неодговорени прашања, поврзани со влијанието на хидројаловиштето врз подземните води, составот на индустриската пена што ќе се користи, последиците од минирањето во отворен коп и влијанието врз земјоделството во струмичкиот регион.
Компанијата не одговорила досега ниту на поставените прашања на двете јавни расправи, изјави за МТВ Стојан Велков од невладината „Здрава котлина“.
„Еуромакс рисорсис“ котира на берзата во Торонто, а во акционерската структура освен Европската банка за обнова и развој се и швајцарската „Трафугура“, како и канадски и американски пензиски фондови.
Свето Николовски
