Вучиќ и Тачи не се сретнаа во Брисел
Во Брисел, и Вучиќ и Тачи имаа одвоени средби со шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини. Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ како причина за ваквиот потег на Белград ги наведе заканите кон Вучиќ и посочи дека е неизвесно продолжувањето на преговорите со Приштина.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ реши да не разговара со косовската делегација. Во Брисел, и тој и Хашим Тачи имаа одвоени средби со шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини. Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ како причина за ваквиот потег на Белград ги наведе заканите кон Вучиќ и посочи дека е неизвесно продолжувањето на преговорите со Приштина.
„Поради сите лаги, расипаност, измами и одвратниот пристап што претставниците на Приштина ги покажаа кон Србите и српската страна во претходните денови. Поради навредите, омаловажувањето па дури и заканите упатени кон 16-годишната ќерка на претседателот, за сето она што го направија претходниве денови, претседателот Вучиќ нема да разговара со претставниците на Приштина во Брисел. Прашање е како, кога и дали со овие, или со некои други, поразумни луѓе во иднина ќе можеме да ги продолжиме разговорите кои беа почнати во претходниот период“, изјави Ѓуриќ.
Косовскиот претседател Тачи по средбата со Могерини посочи дека Косово е посветено на постигнување конечен договор со Србија, кој ќе гарантира меѓусебно признавање, зачленување во НАТО, ЕУ и Организацијата на Обединтетите нации. Тој истакна дека патот ќе биде тежок, но ќе мора да се изоди за да се обезбеди долгорочен мир во Западен Балкан.
Европскиот комесар за проширување и соседска политика, Јоханес Хан смета дека за постигнување договор меѓу Белград и Приштина ќе бидат потребни неколку месеци.
Марина Ристова
