Тодоров сведочеше за собраниските настани од 27-ми април
Во Кривичниот суд, рочиште за собраниските настани од 27-ми април. Како сведоци повикани премиерот Заев, министерот за внатрешни Спасовски и поранешниот министер за здравство. Тодоров раскажа дека Зијадин Села го маскирал како полицаец, а Шекеринска како лекарка, за да ги извлече од Законодавниот дом...

Во скопскиот Кривичен суд за собраниските настани од 27-ми април повикани да сведочат премиерот Зоран Заев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пратеникот Весел Мемеди и поранешниот шеф на здравство и вицепремиер Никола Тодоров.
Повеќе од три часа поранешниот министер Тодоров појаснуваше што се случило во Собранието по изборот на Талат Џафери за претседател и одговараше на прашања на обвинителството, одбраната, обвинетите и судот.
Рече дека на 27-ми април, за да ги извлече од Собранието пратеникот Зијадин Села и пратеничката Шекеринска, по негова сугестија, ги маскирале како полицаец и докторка. Рече дека за повредени пратеници во прес- салата разбрал откако му се јавила Шекеринска.
Веднаш од директорката на Здравен дом- Скопје побарал екипи на брзата помош. По неколкуте обиди успеал да ги внесе екипите внатре за да им помагаат на повредените. Од Чавков побарал да го извлечат Села. За кратко пристигнале специјалци, но, при првиот обид не успеале. Биле испратени повеќе полицајци и откако пратениците биле маскирани, Села успеале да го извлечат во оклопно полициско возило, а Шекеринска заедно со уште двајца повредени полицајци со кола на Итната медицинска помош.
За дел од одбраната беше важно сведокот да објасни што се случило во пленарната сала, каква била ситуацијата за време на изборот на Џафери пред да влезе толпата, а дел од обвинетите прашуваа да појасни како толпата влегла во Собранието. Еден од адвокатите се пожали на начинот на испрашување на сведоците.
За собраниските настани од 27- ми април на обвинителна клупа се 33-ца. Петмина пратеници, припадници на МВР, уметници, активисти кои беа дел од движењето „За заедничка Македонија“. Поголем дел се гонат за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста, а двајца за помагање при вршење на кривичното дело.
Наташа Гркова- Петрушевска
