Ново Одделение за трауматологија во ГОБ „8-ми Септември“
Во Градската општа болница „8-ми Септември“ отворен одделот за трауматологија. Во него годишно ќе се изведуваат и до 2.000 операции. Ангажирани 13 лекари...

Операции на колк, колено, рбетен столб, како и третман на сите видови скршеници, ќе се изведуваат во новото Одделение за трауматологија во општата болница „8-ми Септември“. Планирано е годишно да се извршуваат околу две илјади операции. Во новото одделение ќе работат 13 доктори.
„Се состои од болнички дел, 16 болнички кревети, има интензивен дел. Исто така има и просторија за стерилизација на инструменти, како и просторија за склад на инструментите“, изјави Христијан Костов, директор на ГОБ „8-ми Септември“.
Новото одделение ќе се користи и за едукација на доктори специјалисти, како и доктори на специјализација од областа на ортопедијата и трауматологијата.
„Од денеска пациентите во ГОБ 8-ми Септември ќе се лекуваат во нов и современ оддел за трауматологија кој според капацитетот може да се мери со современите европски болници. Во овие моменти кога нашата земја фаќа чекор со евроинтегративните процеси имаме уверување од Европската комисија дека ќе има посебен сектор за здравство во кој ќе инвестира Европската комисија од 2020-та или од 2021-ва година“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.
Одделението за трауматологија е сместено во просториите кои порано ги користеше приватната здравствена установа „Филип Втори“.
Андријана Атанасовска
