27 години независна Република Македонија
Годинава, празникот се слави во пресрет на новиот референдум за прифаќање на Договорот со Грција и членството на Македонија во НАТО и ЕУ. Новиот референдум закажан на 30-ти септември, за многумина, ќе ја има истата тежина како и првиот од 1991-ва година...

Македонија денеска одбележува 27 години од успешно спроведениот референдум во 1991-ва година на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава. На референдумот, над 95 отсто од граѓаните што излегоа да гласаат позитивно одговорија на прашањето „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.
Претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25-ти јануари 1991-ва година. Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17-ти ноември 1991-ва. Десет години подоцна Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001-ва и потпишувањето на Рамковниот договор.
Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина...
Државата се осамостои монетарно со воведување на денарот на 26-ти април 1992-ра, а потоа доби и своја Армија која роденденот го слави на 18-ти август.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8-ми април 1993-та година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќаше нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија. Под покровителство на ОН, Скопје и Атина почнаа разговори за решавање на проблемот и конечно по повеќедецениски преговори, годинава на 17-ти јуни беше потпишан договор меѓу двете држави за решавање на спорот со името.
Годинава, празникот се слави во пресрет на новиот референдум за прифаќање на овој договор и членството на Македонија во НАТО и ЕУ. Новиот референдум закажан на 30-ти септември, за многумина, ќе ја има истата тежина како и првиот од 1991-ва година.
По повод Денот на независноста денеска собраниска делегација на гробиштата во Бутел ќе положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на Република Македонија, Киро Глигоров и Борис Трајковски и на споменикот „Ослободители на Скопје“.
Во Собранието на Република Македонија ќе биде врачена државната награда „8-ми Септември“ која се доделува во две категории - за животно дело и признание за остварувања во областа на спортот. Наградата за животно дело ќе му биде доделена на Таки Џиков, а признанија за остварувања во областа на спортот ќе им бидат врачени на Стефан Гешовски, Сашко Арсовски, Владимир Радиќ и Ристо Таков.
Централната прослава по повод Денот на независноста ќе се одржи вечер со забава на отворено во дворот на Владата. Најавено е и обраќање на премиерот Зоран Заев.
