Иванов: Одлуките од првиот референдум- обврзувачки

08.09.2018 10:39

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод 8-ми Септември, Денот на независноста на Република Македонија, упати честитка до граѓаните...

Република Македонија не може да се изградува врз други темели освен оние поставени со референдумот за независност од 8-ми септември 1991-ва година. Одлуките донесени на тој прв и единствен референдум што ја дефинираше самостојноста и сувереноста на Република Македонија беа и остануваат да бидат обврзувачки за секој еден од нас- нагласува претседателот Иванов во честитката упатена до граѓаните на Република Македонија по повод Денот на независноста.

Bо очи на тој историски референдум во нашата татковина не доаѓаа високи странски претставници. Тоа беше момент на вистинска народна саморефлексија од која произлезе ненаметната, автентична и чиста волја на македонскиот народ и македонските граѓани- вели претседателот Иванов.

Додава дека нашата генерација е обврзана да го зачува заветот од предците и да им го предаде на потомците. Тоа е завет за градење на Република Македонија како модерна и демократска држава во која ќе владее правото, а не луѓето, во која секој ќе биде еднаков пред словото на законот. Република Македонија како европска држава во која ќе се достигнуваат европските вредности, стандарди и критериуми- стои во честитката.