Продлабочување на соработката меѓу домашните и странските инвеститори
До крајот на 2014-та ќе биде објавена „Белата Книга“, публикација која ќе содржи препораки за полесно решавање на проблемите и предизвиците на странските инвеститори во Република Македонија...
Потесна соработка меѓу домашните и странски инвеститории, и почести контакти меѓу Министерството за економија и Советот за странски инвестиции, се основните цели по средбата на двете институции.
„Мора да работиме како партнери со домашните добавувачи, затоа што не функционираме на ист пазар, бидејќи нашата ориентација е извозот“, рече Хуан Наваро, претседателот на Советот за странски инвестиции.
Министерот Сараќини, нагласи дека министерството се залага, домашните инвеститори повеќе да ги користат можностите што ги нудат странците.
„Доколку некои репро материјали можат да се набават тука, нема никаква потребна тие да се увезени. На тој начин ќе ја ублажиме хроничната болест на македонската економија, увозот“, изјави министерот.
До крајот на 2014-та ќе биде објавена „Белата Книга“, публикација која ќе содржи препораки за полесно решавање на проблемите и предизвиците на странските инвеститори во Република Македонија.
Покрај тоа ќе се формира и база на податоци за сите домашни добавувачи со кои соработуваат странските инвеститори, што ќе овозможи лесна достапност до информации за типот на производите што ги нудат нашите компании.
Инаку, во 2013-тата година, Република Македонија почна да извезува и производи од автомобилската индустрија, продукти со повисока додадена вредност, кои имаа значаен удел во 20 процентното зголемување на извозот на Македонија, во однос на 2012-та.
Роберт Димковски
