Џонсон: Важно е да гласате на референдумот
Американскиот сенатор Рон Џонсон, коспонзор на Резолуцијата на Сенатот за поддршка на Договорот со Грција и близок соработник на Трамп, на средба со премиерот Заев и со спикерот Џафери. Ги повика граѓаните да излезат на референдумот и да гласаат. Вели- поддршката на САД за членството во НАТО е безрезервна...
Дојдовме да дадеме поддршка и да ги охрабриме Македонците да се изјаснат на референдумот. Одлуката е на Македонија. Единствениот начин државата да стане членка на НАТО е со прифаќање на Договорот со Грција, изјави американскиот сенатор Рон Џонсон по средбата со премиерот Заев во Владата. Пристигна во земјава по средбите во Грција.
„Исклучително е важно Македонија и Грција да го затворат прашањето за името. Имаме двајца храбри политичари, премиери кои донесоа многу тешка одлука. Сакаме да го поддржиме завршувањето на овој проблем зошто е единствениот начин Македонија да стапи во НАТО. Јас бев претседавач со сослушувањето во Сенатот за приемот на Црна Гора со 98 гласа „за“ и два „против“. Би сакал да бидам и на сослушувањето Македонија да стане 30-та земја членка на НАТО. Многу е важно за НАТО, но и за безбедноста на Балканот и на Македонија. Тука сум да ги охрабрам сите Македонци да гласаат без разлика дали се согласувате или не со крајното решение за името. Мора да го искористите правото на глас и кажете им на двајцата премиери што постигнаа договор, што вие мислите за тоа. Излезете и гласајте! Тоа е исклучително важно. Уште еднаш тука сме да покажеме поддршка и охрабрување и му посакуваме успех на македонскиот народ“, изјави Рон Џонсон- сенатор Републиканец од Висконсин.
Сенаторот Џонсон кој е потпретседател на Комисиите на сенатот за надворешна политика и за соработка со Европа, имаше средба и со претседателот на собранието Џафери. Бил запознат со подготовките за референдумо. Го упатил истиот апел, граѓаните да излезат да гласаат на 30-ти септември. Џонсон е еден од потписниците на Резолуцијата на Сенатот за поддршка на Договорот од Преспа и близок соработник на претседателот Трамп.
Ирина Гелевска
