Влада на РМ

Економијата расте и се стабилизира

09.09.2018 14:57

Македонската економија расте и се стабилизира на долг рок- оценка на Владата. Референдумската кампања има приоритет, нема да се брза со прогресивниот данок...

Македонската економија расте и се стабилизира на долг рок- оценка на Владата. Во вториот квартал од годинава растот на БДП е 3,1 насто. Премиерот Заев очекува до крајот на 2018-та да се постигне планираната проекција од 3,2 проценти. Економскиот тим министри со став- платите растат, зголемена е наплатата на даноците, зголемени се странските инвестиции. Политичките процеси и отворените врати за членство на земјата во НАТО и во Европсkата унија уште повеќе ќе го забрзаат растот на економијата- вели премиерот.

„Факт е дека новите земји членки бележат поголем економски раст и побрзо се доближуваат до животните стандарди на земјите членки на Европската унија, исто така имаат подобрена деловна клима, поголем пораст на продуктивноста на трудот, забрзан напредок во структурните реформи за развој на приватниот сектор, забрзан извоз и подобрена институционална демократија“, вели премиерот Заев.

За зголемувањето на БДП најмогу влијаеле индустријата, земјоделството и трговијата. Градежништвото сѐ уште со помали резултати, негово раздвижување се очекува со изградбата на автопатиштата, железницата кон Бугарија и гасоводот.

„Интересот и на странските и на домашните инвеститори е зголемен за инвестирање, интересот за индустриски активности е драстично зголемен, а тоа очекуваме само со успешен референдум и спојувањето на нашата земја кон НАТО и Европската унија дополнително да го зголеми“, изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев. 

Првиот финансиер тврди - зголемена е наплатата на даноците, се намалува невработеноста, платите се зголемиле просечно за шест насто. Тевдовски очекува  да продолжи трендот на позитивни економски резултати.

„Данокот на добивка е за 25 проценти повисок од лани или за околу 2,1 милијарда денари имаме и сериозен раст од 7 проценти на наплатата на придонесите заклучно со август или околу 2,4 милијарди денари повеќе во однос на истиот период лани. Ова ни дава основа да очекуваме и добри резултати и во следното третото тримесечје и во поглед на просечната плата како и во поглед на ново отворени работни места“, вели министерот за финансии, Драган Тевдовски. 

Поради референдумот одложена примената на прогресивниот данок, вели премиерот Заев. Ќе се прават анализи дали има потреба од ребаланс на буџетот. Шефот на владата додава дека тој е стабилен, но слаба алка е реализацијата на капиталните инвестиции. Министерот за транспорт Сугарески потсети дека е одобрен анекс- договорот за автопатот Кичево- Охрид. 205 милиони евра ќе се искористат за интензивирање на изградбата. Најави скоро завршување на делницата Миладиновци- Штип.

 

Андријана Атансовска