Стокхолм

Тесна победа на Социјалдемократите на изборите во Шведска

10.09.2018 12:52

Владејачките социјалдемократи победија на вчерашните избори во Шведска, но не успеаја да обезбедат мнозинство во новиот состав на Парламентот. Најголем успех оствари десно популистичката партија Шведски демократи која доби 62 мандати...

Шведската владејачка Социјалдемократска работничка партија со тесна победа на парлементарни избори. Според првичните резултати, блокот во кој влегуваат и Зелената партија и Левичарите, освоил 40,6 проценти од гласовите. Иако не успеа да обезбеди мнозинство во новиот Парламент, а резултатот е еден од најлошите за Социјалдемократите, премиерот Стефан Ловен порача дека ќе остане на функцијата. Сепак, призна дека формирањето нова Влада би можело да потрае.

„Сега е време да и дозволиме на силната шведска демократска машинерија да го реши ова. Ќе работам, мирно, како премиер и со почит. Едно нешто е сосема јасно, ниту една партија нема јасно мнозинство. Поради тоа е потребна соработка меѓу политичките блокови“, изјави Стефан Ловен, премиер на Шведска.

Коалицијата околу централно- деснниот блок, составена од четири партии и чијшто кандидат за премиерт е Улф Кристерсон, освои 40,4 проценти од гласовите. Најголем подем забележа десно-популистичката партија „Шведски демократи“ со освоени 17,6 проценти од гласовите, којашто во услови кога ниту еден блок не обезбеди мнозинство во парламентот, може да има клучна улога во формирањето на идната влада. Досега со нив никој не сакаше да коалицира.

„Станавме посилни. Секако тоа ни дава голем потенцијал и влијание врз двата политички блока за одлуката кој ќе биде премиер и како ќе изгледа таа влада“, рече Џими Акесон, лидер на Демократската партија.

По објавувањето на првичните резултати, првиот човек на Умерената партија, Улф Кристершон го повика премиерот и лидер на социјалдемократите да поднесе оставка.

„Очекувам дека во наредните денови и недели ситуацијата ќе биде мошне конфузна“.

„Сметам дека ни е потребна стабилна Влада, но тоа е тешко да се постигне кога сите имаат различни мислења“.

„Верувам дека политичарите ќе си ја завршат работата и ќе постигнат разумно решение“.

Главна тема во кампањата беше прашањето со миграцијата. Овие ибори беа први откако владата во 2015 година дозволи влез за 163 илјади мигранти во земјата.

 

Марина Ристова