МВР го испитува случајот со градоначалникот на Демир Хисар
Градоначалникот на Демир Хисар, Марјанче Стојановски вчера бил приведен во полициска станица на информативен разговор. Стојановски е повикан на распит во врска со видеото што излезе во јавност на кое тој им се заканува на вработени во училиштата дека ги прислушува нивните телефонски разговори. Од МВР соопштија дека за случајот ќе се повикуваат повеќе лица на службени разговори...

Сѐ уште се испитува случајот со градоначалникот на Демир Хисар, Марјанче Стојановски, соопштија од МВР. Бил повикан на информативен разговор во полициска станица поради закани кон вработените. За снимката која протече на интернет, рекол дека е од протест во основното училиште „Гоце Делчев“ во Демир Хисар кој се случил во средината на јануари, годинава. Протестот се одржал поради промена на две учителки во други подрачни училишта, информираат од полицијата.
„По насока на обвинителство, М.С. е пуштен во 20.30 часот, а во врска со овој случај ќе се повикуваат повеќе лица на службен разговор со цел негово целосно расчистување“, стои во соопштението на МВР.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ очекуваат Обвинителството да излезе со сериозно кривично дело, а не, како што велат со минорни обвинувања. Тие побараа оставка од Стојановски.
На видео- снимкиите кои протекоа во јавноста, може да се слушне како градоначалникот на Демир Хисар им вели на вработените во училиштето дека ги следи што зборуваат, што прават и каде одат. Вработените од општината добивале и закани за преместување од нивните работни места и за отпуштања.
Фиљана Кока
