Камбовски: Договорот со Грција не ги загрозува националниот идентитет, јазикот и државјанството
Академик Камбовски смета дека Договорот со Грција не го загрозува националниот идентитет, јазикот и државјанството. Универзитетскиот професот Владо Поповски со став дека не е можен подобар договор од овој...

Договорот со Грција е прифатлив и не го загрозува националниот идентитет. Државјанството и јазикот се македонски, постигнато е најоптималното решение за името со Грција, оцени академикот Владо Камбовски. Вели дека тоа е негов личен став.
МАНУ ќе се залага да го задржи акронимот без да се преименува во Академија на науките и уметностите на Северна Македонија. Исто така и МНТ, Филхармонијата, според него, треба да ја задржат автономијата на употреба на терминот „Македонски“.
„Постигнатиот консензус околу новото име е компромис меѓу стравот и надежта на двете страни: задржано е името Македонија, со што не се загрозува идентитетот на македонскиот народ кој живее на нејзина територија, но додадена е географска одредница со која таа се разликува од северниот регион на Грција“, вели академик Камбовски.
Поранешниот амбасадор Нано Ружин смета дека со Договорот од Преспа се затвора македонското прашање, а пак, универзитетскиот професор Владо Поповски се согласува дека подобар договор од овој не може да има.
Утрешната научна расправа на тема „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евроатлантските интеграции на Република Македонија“ се организира како одговор на потребата од стручна анализа на Договорот, со учество на академици, еминентни научници, претставници на власта и на акредитираните дипломатски мисии во земјата.
Ирина Гелевска
