Овоштарство

Субвенции за нови лозови и овошни насади

11.09.2018 13:54

Почна пријавувањето за субвенции за нови лозови и овошни насади. Поднесувањето на барањата ќе трае од крајот на овој месец, а земјоделците кои инвестирале во ова производство ќе добиваатдо 2,5 милиони денари финансиска поддршка.

До 30-ти септември  лозарите и овоштарите ќе можат да аплицираат за финансирање на нови насади подигнати од 1-ви до 30-ти септември 2017-та и од јануари до септември годинава.

Субвенциите се од 50 до 75 проценти во зависност дали се работи за млад земјоделец и дали овоштарникот или лозјето се наоѓаат во земјоделски неразвиено подрачје.

Право на овие пари имаат евидентираните земјоделци со површина од најмалку 0,2 хектари и со соодветен број садници на културата која е посадена.

Аплицирањето е по електронски пат, а еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу две барања од целата Програма за рурален развој.

Услов за да се добијат парите е овоштарите да имаат и агрохемиска анализа на почвата и платена водарина и пашарина.

Барателите со ист број на бодови ќе се рангираат според датумот и времето на аплицирањето.

 

Методија Трајков