Потврден идентитет, јазик и отворен пат кон НАТО и ЕУ со договорот од Преспа
Во МАНУ научна расправа на тема „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евроатлантските интеграции на Република Македонија“. Договорот е потврда на македонскиот идентитет и на македонскиот јазик, отворање на вратите за полноправно членство на Македонија во Европската унија и НАТО....
Во Македонската академија за науки и уметности научна расправа за Договорот од Преспа и нејзиното значење и импликациите врз евроатлантските интеграции. Договорот е потврда на македонскиот идентитет и на македонскиот јазик, отворање на вратите за полноправно членство на Македонија во Европската унија и НАТО, подобрување на економската состојба, зацврстување на владеењето на правото, стабилизирање на регионот. Ова се заклучоците на учесниците на првиот дел од денешната научна расправа во МАНУ.
Претседателот на МАНУ, академикот Таки Фити истакна оти МАНУ е свесен дека решавањето на спорот морало да биде спроведено преку нужен компромис кој ќе се постигне доколку нешто дадеме, а нешто добиеме.
Свесен сум дека прашањето за спорот со името е тешко и болно, рече Фити и додаде оти се уште во одредени членови од договорот има спротивставени мислења во самата Академија, но нагласи дека алтернативно решение нема.
Посочи оти со договорот е важно дека се зацврстуваат и гарантираат идентитетот, прашањето на нашиот јазик, културата, традицијата.
Премиерот Заев во своето обраќање истакна дека имплементацијата на домашните промени согласно договорот ќе се случува во фази. Како што ќе напредуваме во ЕУ, додаде тој, согласно отворањето поглавја за членство, така ќе се спроведува договорот дома.
Од држава со многу проблеми и лоши односи со соседите сега на нас гледаат како на позитивен пример – модел што другите сакаат да го следат, посочи премиерот, додавајќи оти се затворени сите отворени прашања и дека немаме други спорови со соседите или со други држави.
Истакна дека граѓаните ќе го имаат последниот збор за договорот на референдум.
Граѓаните се тие кои ќе одлучат за оваа голема одлука. Веруваме дека ќе го донесат вистинскиот избор. Веруваме дека имаме добар, достоинствен договор што го потврдува идентитетот и ја гарантира нашата иднина, истакна премиерот пред присутните.
