Забрана за внесување месо од Бугарија
Забрането е внесување на месо и преработки од месо од Бугарија, а доколку на граничен премин биде пронајден ваков производ во личниот багаж на граѓанитен ќе им биде одземен. Ваквата мерка се презема поради појавата на добиточната болест африканска свинска чума во оваа соседна држава. Од Агенцијата за храна велат дека до престанока на забраната и опасноста од зараза фармерите треба свињите да ги држат во затворен простор...

Граѓаните кои доаѓаат од Бугарија, во личниот багаж не смеат да носат храна од животинско потекло зашто ќе им биде одземена на граничните премини, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.
Засилените мерки се воведуваат поради добиточната болест „африканска свинска чума“ која ова лето е потврдена во реонот на Варна во Бугарија.
Агенцијата за храна апелира и до сточарите свињите да ги држат затворени, за да не дојдат во контакт со дивите свињи кои може да ја пренесат оваа болест.
„Африканската свинска чума“ не е опасна за луѓето, но, е високо ризично заразна вирусна болест кај дивите и домашните свињи што многу брзо се шири и предизвикува големи економски штети и загуби во свињарството. Лек нема и за неа не постои вакцина.
Освен во Бугарија, болеста ја има и во балтичките држави и во Полска и Унгарија. Ендемски е присутна во Италија на островот Сардинија.
Методија Трајков
