Мицкоски: Националните прашања се надпартиски, секој граѓанин да се изјасни според сопственото убедување
Секоја индивидуа, со сопствениот морал и совест ќе донесе одлука која смета дека е најдобра пред сѐ за своето семејство и за нашата мила Македонија. Македонија ни е сѐ. Нема партиите да одлучуваат, за национално прашање ќе одлучи нацијата- изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски го повика премиерот Заев на ТВ дуел.

Секој граѓанин сам да одлучи, да постапи по сопствено убедување, да одлучи како смета дека е најдобро за Македонија, ова е ставот на ВМРО- ДПМНЕ за референдумот. Мицкоски го повика премиерот Заев на ТВ дуел.
„Ова е прашање за Македонија и сите нејзини граѓани, за нејзиното постоење и понатамошно градење. Токму затоа реков дека ова се историски моменти. ВМРО-ДПМНЕ, по консултациите со граѓаните и реално различните мислења кои постојат меѓу народот, за апстиненција или да се гласа против, но и оние малкуте кои сметаат дека треба да се поддржи, по одржаните состаноци со Централниот и Извршниот комитет, а имајќи во предвид сето она што претходно го напоменав и јасниот став дека овој Договор е неприфатлив за нас, како и тоа дека се работи за надпартиско прашање, донесовме одлука секој граѓанин да постапи според сопственото убедување“, изајви на синоќешната прес- конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Нагласи дека секоја индивидуа, со сопствениот морал и совест ќе донесе одлука која смета дека е најдобра пред сѐ за своето семејство и за нашата мила Македонија. Македонија ни е сѐ. Нема партиите да одлучуваат, за национално прашање ќе одлучи нацијата и на нејзината одлука сите ние ќе се поклониме и тоа ќе биде тоа- потенцира Мицкоски.
