100 милиони евра за малите и средни претпријатија од ЕИБ
100 милиони евра за малите и средните претпријатија од Европската инвестициска банка. Каматната стапка нема да надминува 3,5 проценти...

100 милиони евра финансиска инјекција за малите и средните фирми, поволна кредитна линија од Европската инвестициска банка. Од средината на октомври, во следните две години, преку Македонската банка за поддршка на развојот и 11 деловни банки парите ќе бидат достапни за набавка на опрема, градежни материјали, транспортни средства. Рокот на враќање е 12 години, грејс периодот од две до четири години.
„Износот на сите средства ќе се движат од 6 илјади евра до 3 милиони евра, кој ќе опфати микро компании, но и мали и средни компании. Очекувањата се да биде понудена по пониска каматна стапка од околу 3,5%, со рок на враќање од 12 години со грејс период од две до четири години, во зависност од проектот“, вели Драган Мартиновски, директор на МБПР.
Поволната кредитна линија е потврда за добрата кондиција и движење на македонската економија во вториот квартал - убедуваат од Владата. Апелираат, стопанството да ги користи средствата. Во буџетот се предвидени и 1, 1 милијарда денари за поддршка на бизнисот, милијарда за вработувања.
„Овој свеж капитал, ќе ја подобри ликвидноста, ќе ги стимулира инвестициите и создавањето на нова врредност кај малите и средни претпријатија“, нагласи Драган Тевдовски, министер за финансии.
Со фокус на енергијата и животната средина, Европската инвестицска банка најави продолжување на поддршката.
„Со оваа кредитна линија се поддржува приближувањето на земјава кон ЕУ и има намера во иднина да се фокусира на поддршка на транспортот, енергијата и заштитата на животната средина во земјава“, посочи Ендру Мек Дауел, заменик- директор на ЕИБ.
Малите и средните бизниси со преку 55 проценти учествуваат во Бруто- домашниот производ. Креираат над 75 насто од вкупниот број работни места. Преку Европската инвестициска банка, македонската економија досега била поддржана со 450 милиони евра.
Сузана Фиданска - Стоевска
