Референдум

Црвенковски: На 30-ти септември ќе гласам „за“

12.09.2018 14:57

На 30-ти септември ќе излезам на референдумско изјаснување- се огласи и поранешниот претседател Бранко Црвенковски. Во пишаната изјава посочи дека ќе гласа „за“, не затоа што спроведувањето на Преспанскиот догвор нема да предизивика негативни последици, туку затоа што последиците од неговоо неспроведување ќе бидат несразмерно поголеми...

„На 30-ти септември ќе излезам на референдумското изјаснување и ќе гласам „за“. Не затоа што мислам дека Преспанскиот договор е голема победа и успех, туку затоа што сметам дека е нужност од која во даденава ситуација нема бегање“- се огласи поранешниот претседател Бранко Црвенковски.

Според него, постојат многу причини зошто е убеден дека евроатлантските интеграции се единствената добра опција за нашата иднина.

„Во овие 27 години, за жал, не покажавме капацитет за спроведување на референдум без притисок и мониторинг однадвор, за што чувствувам голема лична одговорност“, вели тој додавајќи дека ако сакаме средена држава, најдобра шанса за остварување на таа цел е процесот на интегрирање во НАТО и во ЕУ.

„Ќе гласам ’за’, не затоа што мислам дека неговото спроведување нема да предизвика негативни последици, туку затоа што негативните последици од неговото пропаѓање ќе бидат несразмерно поголеми. Нормално е дека кај секој разумен и одговорен човек кога се работи за вака важно прашање постојат дилеми. Деновиве многумина ме прашуваа дали јас би потпишал таков договор. Мојот одговор е дека во овој момент тоа е апсолутно небитно. Потписот е ставен и после тој чин враќање назад нема. Ниту во иднина, оваа или некоја друга грчка влада ќе се откаже од стекнатите позиции со овој договор, ниту меѓународната заедница (барем оној дел кон чие друштво се стремиме) ќе има разбирање за таквата наша несериозност и неспроведување на преземените обврски“, се вели во пишаната изјава на поранешниот претседател на Република Македонија, Бранко Црвенковски.

Поранешниот шеф на државата вели дека односот кон политичарите и политичките партии се искажува на избори, потенцирајќи дека луѓето имаат многу причини за незадоволство од функционирањето на актуелната и на сите досегашни власти.

Но, според него, на 30-ти септември ќе се решава, не кој ќе владее, туку кој пат кон иднината како држава ќе го избереме.

Наташа Гркова- Петрушевска