Заев: За првпат еден македонски премиер се обраќа пред Европскиот парламент на својот мајчин јазик
За првпат македонски премиер се обраќа пред Европскиот парламент на својот мајчин јазик, изјави претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев во Стразбур. Знаеме кои ќе бидат придобивките од Договорот со Грција, но ова е шанса која не смееме да ја пропуштиме, изјави Заев...

За првпат еден премиер на Македонија држи говор во Европскиот парламент на својот мајчин јазик, имам чувство како да сум дома, бидејќи ние припаѓаме во домот на европското семејство, изјави шефот на Владата, Зоран Заев во своето обраќање на пленарната седница во Стразбур. Посочи дека народот во Македонија е повторно на историски крсопат и оти одлуката што граѓаните треба да ја донесат на 30-ти септември не е лесна.
„Ќе бидеме Република Северна Македонија, но со признаен македонски народ и македонски јазик. Исто така, знаеме какви се придобивките од таа одлука и знаеме дека ова е најдобрата шанса што нашата земја ја добила досега, ова е шанса еднаш засекогаш и нема да ја пропуштиме, ќе ја зграбчиме таа шанса зашто тоа е нашиот билет за ЕУ и за НАТО. Горди сме што нашата сакана земја конечно има шанса да го закружи членството во ЕУ и НАТО, можам да почувствувам колку сме блиску до остварување на сонот за европска Македонија, затоа верувам дека референдумот ќе биде успешен и дека нашите граѓани ќе гласаат за Европа“, изјави премиерот Зоран Заев.
Премиерот Заев во Европскиот парламент рече дека во изминатите 27 години е направен напредок, но оти не е задоволен, бидејќи сме можеле подобро. Се уште се соочуваме со предизвици, рече тој, но посочи дека земјава нема да се откаже од стремежот за подобра иднина. По политичката криза, нашите граѓани го направија изборот и се определија за европските вредности, порача премиерот.
„Ние сакаме да бидеме пример и инспирација за решавање на сите билатерални прашања на Западен Балкан. Даваме силна поддршка на изнаоѓање одржливи решенија засновани на европските вредности и меѓународното право, кои трајно ќе го стабилизираат регионот и ќе го подготват за интеграција во ЕУ“, изјави Заев.
Премиерот Заев во Стразбур имаше средба и со првиот човек на Европскиот парламент, Антонијо Тајани.
Мартин Пушевски
