Унгарија

Реакции по активирањето на „нуклеарната опција“ од ЕП

13.09.2018 15:28

Европските политичари со поделени ставови за одлуката на Европскиот парламент за активирање на членот 7 кон Унгарија поради непочитување на основите принципи на ЕУ. За постапката се изјаснија и пратеници на Европската народна партија, иако партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан- ФИДЕС е нејзин член. Поддршка за Владата на орбан од соседните земји, но и британските конзервативци и холандските ултрадесничари...

Унгарија и Полска ги здружуваат силите откако Европскиот парламент со двотретинско мнозинство одобри активирање на т.н. „нуклеарна опција“ за Владата во Будимпешта којашто ја обвинуваат за континуирано прекршување на демократските закони и основните европски вредности, но и за корупција. Од Варшава предупредија дека ќе се спротивстават на санкционирањето на Унгарија од Брисел, обвинувајќи го блокот за непромислени одлуки против земјите-членки кои служеле за дополнително продлабочување на поделбите и недовербата на граѓаните во институциите.

„Ова е доказ дека Европскиот Парламент има масовно мнозинство на промиграциски политичари. Во наредниот период ќе се обидеме да создадеме Парламент, Комисија и Европска народна партија со мнозински антимиграциски сили. И натаму ќе се бориме да ги зачуваме безбедноста на народот на Унгарија, идентитетот, културата и наследството. Се консултиравме со Полска, ние секогаш можеме да сметаме едни на други“, изјави Петер Сијарто, министер за надворешни работи на Унгарија.

„Ова е напад врз демократијата, зашто ниедна земја во Европа нема Влада со толку голема поддршка од јавноста како што има Унгарија. Брутална политичка битка, но нема да добијат многу. Виктор Орбан има силна позиција и ќе се справи со овој напад. Полска ќе му помогне“, вели Збигњев Жобро, министер за правда на Полска.

Гласањето во ЕП следуваше по критичкиот извештај од пратеничката на Зелените, Јудит Саргентини, подготвен по барање на Парламентот. Една од најсериозните реперкусии со кои може да се соочи Унгарија е губењето на правото на глас во сите институции на ЕУ. Досега овој Член бил активиран само за Полска поради реформи кои, според Европската Комисија, влијаелe врз независноста на правосудството.

Маја Филдишев