Победа над Дњипро за збогум со Дефо

27.02.2014 15:49

Џермејн Дефо секако заминува од „Вајт харт лејн“, но поради повреда вечерва ќе нема можност да се збогува од навивачите на Тотенхем во реваншот против Дњипро во УЕФА Европа лигата.

Англискиот тим реши да го продаде напаѓачот кој на 363 натпревари за клубот постигна 143 гола. Нова епизода во кариерата  на Дефо ќе биде Торонто, а вечерва против Украинците Тотенхем без него ќе се обиде да ја достигне предноста на ривалот од 1-0 по првата пресметка од шеснаестинафиналето во најмасовното европско клупско натпреварување. Сандро и Вокер најверојатно ќе бидат во комбинација за настап, но сигурно ќе ги нема Капуе и Роуз кои се повредија против Норич во Премиер лигата.

„Сакаме да напредуваме, да се пласираме во следната рунда, а за да го сториме тоа мора да се кренеме психолошки. Навивачите ќе бидат зад нас , а тие заслужуваат да победиме по двата пораза во серија“, рече менаџерот на Тотенхем Тим Шервуд.

Средбата меѓу Тотенхем и Дњипро ќе ја гледате во пренос на Првиот канал на Македонската телевизија од 21.05. Десетина минути порано ќе почне емисијата посветена на реваншите од шеснаестинафиналната етапа од УЕФА Европа лигата, а од 20 и 30 ќе го гледате вториот магазин од серијалот „Патот до Бразил“, посветен на годинашното Светско првенство во фудбал.