Заев во ЕП: Ќе бидеме Република Северна Македонија, но со признаен македонски народ и македонски јазик
„Одлуката што треба да ја донесат граѓаните не е лесна. Ќе бидеме Република Северна Македонија, но со признаен македонски народ и македонски јазик“, ова во својот говор во Европскиот парламент го истакна премиерот Заев. Рече дека земјава ќе ја згапчи шансата за евроатлантска интеграција...

Уште на самиот почеток од говорот, премиерот Заев нагласи дека тој е „почестен и повеќе од среќен за поканата, бидејќи за македонскиот народ ова е историски момент. Ова е прв пат, еден премиер на нашата земја да одржи говор пред Европскиот парламент, на својот, мајчин јазик“.
Притоа, македонскиот премиер додаде дека се чуствува како дома во ЕП, бидејќи, ова е домот на европското семејство на кое му припаѓаме. Но, и дека народот во нашата земја е исправен на уште еден историски крстопат.
„Ќе бидеме Република Северна Македонија, но со признат македонски народ и јазик. Но, исто така знаеме какви се придобивките од таа одлука, и знаеме дека ова е најдобрата шанса што нашата земја ја добила досега. И знаеме дека тоа е шанса еднаш- засекогаш, и нема да ја пропуштиме. Ќе ја зграпчима таа шанса, зошто тоа е нашиот билет за ЕУ и НАТО. Горди сме што нашата сакана земја конечно има шанса да го закружи членството во ЕУ и НАТО, можам да почувствувам колку сме блиску до остварување на сонот за европска Македонија, затоа верувам дека референдумот ќе биде успешен и дека нашите граѓани ќе гласаат за Европа“, изјави премиерот Зоран Заев.
Според Заев, земјите од Балканот припаѓаат на европското семејство- географски, историски, културно, вредносно, и својата иднина ја гледаат како дел од Европската унија.
Договорот од Преспа, премиерот сака да послужиме како пример и инспирација за решавање на сите билатерални прашања на Западен Балкан
„Ние сакаме да бидеме пример и инспирација за решавање на сите билатерални прашања на Западен Балкан. Даваме силна поддршка на изнаоѓање одржливи решенија засновани на европските вредности и меѓународното право, кои трајно ќе го стабилизираат регионот и ќе го подготват за интеграција во ЕУ“, изјави Заев.
Премиерот Зоран Заев се враќа во Македонија со силна поддршка од ЕП за реализиацијата на референдумот на 30-ти септември, изразена преку зборовите на претседателот на ЕП, Антонио Тајани.
Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ
