Дипломатија

Матис и Хан во понеделник во посета на Македонија

14.09.2018 10:17

Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис и еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан во понеделник доаѓаат во Македонија, да ја изразат поддршката за референдумот на 30-ти септември. Денеска во Охрид пристигнува германскиот државен секретар за Европа, Михаел Рот...

Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис во понеделник ќе пристигне во прва официјална посета на Македонија. Првиот човек на Пентагон ќе ја изрази поддршката на сад за членството на Македонија во НАТО и ќе се заблагодари за придонесот што македонската Армија го дава на мировните операции во светот.

Непосредно пред неговата посета на Македонија во понеделник, еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан во интервју за МИА вели дека доколку се пропушти можноста за прифаќање на Договорот со Грција на референдумот на 30-ти септември, вратата за ЕУ ќе се затвори „за децении“.

„Ако сега не се искористи оваа прилика, прилично сум сигурен дека вратата ќе биде затворена со децении, ако не засекогаш. Во политика треба да се биде внимателен, но во догледна иднина, ќе биде затворена и тоа ќе биде штетно за граѓаните во земјата“, рече ХАН за МИА.

Во Охрид денеска пристига и германскиот државен секретар за Европа, Михаел Рот. Тој заедно со неговиот домаќин, шефот на дипломатијата Димитров и заменик- министерот за животна средина, Макрадули ќе учествуваат на дебата „Македонија на патот кон ЕУ“, на која ќе ги објаснат придобивките од членството во Унијата за екологијата и одржливиот развој. Рот ќе ги посети знаменитостите на Охрид и националниот парк „Галичица“.