Могерини: Клучевите на вашата иднина се во ваши раце
Шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини во посета на Македонија. „Клучевите на вашата иднина се во вашите раце, Европската унија е отворена за вас“ е нејзината порака. Според Брисел, оваа историска можност не смее да се пропушти...

Куса посета со прецизна порака, високата преставничка на Европската комисија, Федерика Могерини, од Стразбур слета во Скопје. Прошетка низ Старата скопска чаршија, подарок брош- пеперутка од дуќанџиите и „селфи“ со премиерот и делегацијата.
„Клучевите на вашата иднина се во ваши раце, ЕУ е отворена за вас“, повтори Могерини во изјавата по средбата во чајџилницата.
„Разлики има и ќе има и токму затоа треба да бидеме дел од големото семејство“, рече премиерот Заев. Локацијата на средбата не била случајно избрана, туку за да испрати порака дека тоа е наша европска вредност.
Од Старата скопска чаршија, Могерини замина во Вила Водно. Претседателот Иванов ја дочека со непроменет став. На средбата на гостинката ѝ порачал дека ги поддржува европските и евроатланските интеграции на Република Македонија кои се од огромно значење за просперитетот на државата, но истовремено, рекол, дека стратешките цели не смеат да се злоупотребуваат на сметка на националните и интересите на македонскиот народ.
Европската дипломатка се огради да се меша во изборот на гласачите, но јасно посочи дека тие ќе го трасираат патот по кој ќе се движи земјава во следниот период.
Федерика Могерини рече дека секој граѓанин на први октомври кога ќе се разбуди треба да биде свесен дека направил избор не само за сопствената туку и за иднината на своите деца.
Катерина Топалова
