Матис: Подготвени сме да ве дочекаме во НАТО ако така решите
Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис, во прва официјална посета на македонија. На прес-конференцијата во Владата тој даде поддршка за референдумот, порачувајќи дека ова е уникатна можност за Македонија...
Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис е во прва официјална посета на Република Македонија. На меѓународниот аеродром „Скопје“ го пречека министерката за одбрана Шекеринска, а освен со неа Матис имаше средба и со премиерот Заев, а беше примен и од претседателот Ѓорге Иванов.
„Подготвени сме да ве дочекаме во НАТО ако така решите“- изјави американскиот секретар за одбрана Матис, заблагодарувајќи се за придонесот на македонските војници во мировните операции, со што Македонија се покажала како доверлив партнер на САД.
„Договорот од Преспа, заедно со клучните реформи, се клучот за пристапот кон НАТО. За две недели граѓаните ќе имаат демократска можност да ја исцртаат иднина. Тоа е најважното гласање во вашата историја. Го препознаваме комплетниот политички процес којшто претстои за вашиот народ и ве поддржуваме во остварувањето на вашиот демократски глас и одговорност да гласате“, нагласи американскиот секретар за одбрана Матис.
Премиерот Заев, заблагодарувајќи му се на Матис за посетата, рече дека неговата посета е доказ за долгогодишното стратешко партнерство меѓу двете држави.
„Вашата посета е уште една потврда за афирмирање на нашето стратешко партнерство и претставува силен сигнал за политиките на Македонија за промовирање на дијалог, толеранција и регионална соработка. Вашата поддршка е секогаш тука и тоа претставува огромно охрабрување за нас. За нас е значаен интересот кој го искажавте за нашите актуелни домашни прашања кои се однесуваат на нашето членство во НАТО и за спроведување на успешен референдум“, изјави премиерот Заев.
Премиерот нагласи дека поканата која Македонија ја доби во Брисел, била охрабрување за поинтензивно Владата да продолжи со реформите за Македонија да стане полноправна членка.
