Земјоделство

Нема ГМО во кочанскиот ориз

18.09.2018 13:49

Резултатите од суперанализата на позитивните примероци ориз од Кочанско, што беа испратени во акредитирана лабораторија се негативни, соопшти Државниот инспекторат за земјоделство. Производителите нема да претрпат штети, бидејќи анализите се правеле додека оризот сѐ уште бил во фаза на стасување. Жетвата, допрва ќе почне...

Кочанскиот ориз не е генетски модифициран- ова го покажале суперанализите направени во германска лабораторија. Државниот инспекторат за земјоделство се одлучи на дополнителни анализи на две сорти ориз, откако Факултетот за ветеринарна медицина во нив првично откри присуство на ГМО. 

„Ние ќе продолжиме понатака, со новата реколта кога ќе почне жетвата ќе земеме мостри од одредени сорти во кои што се сомневаме дека би имало можност да има генетски модифицирани организми и ќе направиме анализи на истите“, рече Благој Индов, директор на Државниот инспекторат за земјоделство.

Но, ова не е прв случај за присуство на ГМО на македонскиот пазар, за кој се демантира. И во пченката за пуканки првично беа утврдени генетски модификации, па втората суперанализа во референтна лабораторија беше негативна.

Како да бидат сигурни граѓаните дека јадат безбедна храна, кога нашата лабораторија не дава точни резултати?!

„Нашата лабораторија е акредитирана, таа дава само позитивни или негативни резултати, дали има или нема ГМО. Меѓутоа кога пративме за суперанализа, пративме и за квантификација колку модифицирани организми има. Но, се потврди дека нема ГМО, што значи дека нашата лабораторија не беше во право“, вели Индов.

Производителите во Кочанско нема да претрпат штети, бидејќи анализите се правеле додека оризот сѐ уште бил во фаза на стасување, а жетвата допрва ќе почне.

Иако добиените резултати од суперанализата во германската лабораторија се негативни, сепак од Државниот инспекторат за земјоделство најавуваат засилени контроли кај производителите на ориз.

 

Андријана Атанасовска