Мас: На дофат е историска шанса, одлуката е во рацете на граѓанитe

18.09.2018 16:28

За десетина дена, трет висок германски функционер во државава. По канцеларката Меркел и министерот за Европа, Рот, во Скопје допатува шефот на дипломатијата Хајко Мас. Поддршка од Берлин за договорот и интеграциите...

Се надевам дека што е можно повеќе Македонци на 30-ти септември ќе го искористат своето право и ќе гласаат на референдумот. На дофат е историска шанса да се реши спорот за името и да се отвори европската перспектива на Македонија. Одллуката е во рацете на граѓаните, истакна  министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас на заедничката прес- конференција со шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.

Според него, решавањето на спорот за името е важен чекор во правец кон Европа. Ние сме за европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Тоа е важно за стабилноста на регионот и затоа, тоа не е само ваш, туку и наш европски интерес. Истовремено, пристапувањето во ЕУ подразбира и други критериуми – правна држава, борба со корупција и органзиран криминал, нагласи министерот Мас.

Димитров рече дека со посетата на Мас, на онаа на канцеларката Меркел на Денот на независнота и утрешната на германската министерка за одбрана, не може да има појасен сигнал за германската поддршка која се темели на една основна причини дека Берлин препознава решителнист кај Република Македонија да си ги реши проблемите, да застане на нозе и тргне напред.

Нагласи дека го информирал Мас за напорите да се објаснат сите детали на граѓаните за Договорот од Преспа и за придобивките од зачленувањето во НАТО. После овој стратешки чекор нам ни престојат реформи дома, додаде Димитров.